Патничко возило од марката „опел“ со кочански регистерски ознаки ноќеска паднало во ископан канал на магистралниот пат на влезот во Кочани кај Подлошка крстосница. Од падот возилото претрпело сериозни оштетувања, а според очевидци едно лице се здобило со повреди на главата.
На местото на настанот забележливи беа траги на кочење, но веројатно поради недоволната обележаност и несоодветната брзина, возилото завршило во дупката длабока три метри.
При падот автомобилот удрил и во еден од поставените сообраќајни знаци, но со оглед што и покрај изведувањето на градежните работи не е поставена заштитна ограда, ниту пак местото е соодветно осветлено, опасноста од сообраќајни несреќи е постојано присутна.
Ископаниот отвор е со ширина од неколку метри и се наоѓа токму на средина од коловозот, поради што потребна е поголема внимателност и намалена брзина на возилата за да се заобиколи по помошниот пат во близина.
Делницата од експресниот пат на влезот во Кочани се реконструира повеќе од една година, а градежните работи се одвиваат со различно темпо, поради што неодамна имаше и реакција на дел од стопанските субјекти во зоната Лесна индустрија, кои упатија забелешка за отежнатиот пристап и влез во нивните објекти.
ИЗВОР: „ТВ Канал 8“