Благодарение на новите луѓе што влегоа во БК „Спартак“ и на новите ветрови што дуваат во најтрофејниот клуб во Кочани, денес во организација на БФРСМ (Боречка Федерација на Република Северна Македонија) а со техничка организација на БК „Спартак“, Кочани беше центар на борењето во Македонија.
По десет години во салата „Сашо Лазарев – Чапо“ во Кочани се одржа Државното првенство во борење слободен стил за јуниори/ки У-20.
На првенството учествуваа претставници од девет клубови во државата а за домаќинот „Спартак“ боите ги бранеа тројца борачи од кои двајца во машка и една во женска конкуренција.
На крајот домаќините освоија едно прво место (јуниорки) едно трето место (јуниори) и петто место (јуниори).
Со златен медал во женска конкуренција се закити Марија Христова во категоријата до 57 килограми, а бронзен медал во категоријата до 92 килограми кај момчињата освои Андреј Петков. Петар Иванов во категоријата до 86 килограми беше петти.
Во екипна конкуренција Државен првак за Јуниори У-20 стана екипата на „Балканец 2008“ (Штип) пред „Лирија 2010“ (Скопје) и „Бучим“ (Радовиш), додека кај девојчињата Државни прваци У-20 стана екипата на „Вардар“ (Скопје) пред „7-ми Мај“ (Прилеп) и „Бучим“ (Радовиш). „Спартак“ во женска конкуренција заврши како четврти.
Радува податокот што по долго време на еден натпревар во борење посетата беше задоволителна што е знак дека борењето со крупни чекори се враќа во „градот на оризот“.
БК „Спартак“ во соработка со БФРСМ одлично го организираа првенството.
С. Ивановски