„Осогово“ со камата ги наплати сите долгови кон големиот должник „Тетекс“ од Тетово совладувајќи го со 4:0 (2:0) во натпревар од 17-тото коло од Втора Фудбалска Лига.
По облачно време но пријатно за игра пред околу 800 гледачи „Осогово“ денес си поигруваше со немоќниот „Тетекс“ кој според прикажаното е убедливо најслабиот противник што во ова првенство гостувал во Кочани. Но кога ќе се погледне уште еднаш натпреварот за слабата и анемична игра на тетовчани виновни се играчите на „Осогово“ кои не им дозволија око да отвора за време на целиот натпревар. „Жетварите“ фуриозно започнаа и шансите пред голот на „Тетекс“ се редеа една по друга. Во 9’ по една нафрлена топка од левата страна Љубомир Ѓорѓиев задоцни за момент и мрежата на гостите остана да мирува. Во 12’ Фикрет Ливарека одлично биеше од работ на шеснаесетникот но гостинскиот голам одбрани. 23’ слободен удар за домаќините од 25 метри, Паунов одлично биеше но топката за неколку сантиметри помина покрај десниот дирек. Во 27’ грешка на потесната одбрана на „Тетекс“, Фикрет Ливарека го изненади овој подарок и шансата отиде неврат. И додека домаќините промашуваа гостите освен симулирање, провоцирање и навредување на судијата кон секоја негова одлука што не одеше во нивни прилог речиси друго и не покажаа.
Домаќините она што го промашуваа во првиот половина час го надоместија во финишот од првото полувреме.
Се играше 42’ кога на 25 метри од голот на гостите покрај десната аут линија беше досуден слободен удар за „жолто-сините“ Денес најдобриот играч на натпреварот Стојче Стојов мошне итро го изведе слободниот удар кога наместо центар шут ја упати топката во десниот горен агол на немоќниот Александар Ангелковски. Примениот гол уште повеќе им даде крилја на домаќините кои во 45’ веќе имаа водство од 2:0 кога повторно стрелец беше Стојче Стојов.
Во второто полувреме сликаа непроменета. Се играше 51’ кога на една топка натрча Влатко Стојановски и со удар од тринаесетина метри по трет пат ја заниша мрежата на Тетовчани. По третиот погодок домаќините љубоморно ја чуваа топката, не трошеа непотребно енергија и чекаа кикс на мошне слабата гостинска одбрана. Конечните 4:0 за „Осогово“ ги постави Никола Стоиловски по оправдано досудениот пенал од денес мошне добриот судија Марјан Дејановски од Кичево.
Што да се каже по ваква убедлива победа на домаќините. Играа мошне добро, борбено и преди се ефикасно, додека просечната екипа на „Тетекс“ освен шансата во 80’ немаа речиси ниту еден посериозен удар кон голот на домашниот голман. Ѓорѓи Јованоски.
Се на се натпревар кој влева подобра иднина за кочанскиот второлигаш.
Резултати од 17-тото коло:
„Осогово“ – „Тетекс“ 4:0
„Караорман“ – „Охрид“ (се игра во недела)
„Кожуф“ – „Вардар“ (Н) 0:1
„Детонит Плачковица“ – „Скопје“ 1:0
„Каменица Саса“ – „Аресими“ 2:3
„Новаци“ – „Пелистер“ 1:3
„Беласица“ – „Беса“ 1:1
„Победа“ – „Башкими“ 0:1
Во следното 18-то коло „Осогово“ му гостува на „Башкими“.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ