ВРАТЕТЕ ГО КЛУБОТ ОД КАДЕ ГО ЗЕДОВТЕ, ПА ПОТОА ПОДНЕСЕТЕ ОСТАВКИ

Во Спорт
јуни 2, 2022
0 минути

Две години пред големиот јубилеј „еден век постоење ФК Осогово“ еден од најстарите клубови во Кочани, неговиот бренд испадна од Втора Фудбалска Лига – Исток и повторно се врати на натпревари по „селските ливади“.

ГФК „Осогово“ иако имаше добра  бодовна  залиха на неколку кола до крајот на првенството и на големо од клубот најавуваа дека пласманот во единствената втора лига која ќе стартува од следното првенство е завршена работа, кочанчани доживеаја класичен нокаут, застанаа на осмото место на табелата што значеше настапи во Трета лига од следното првенство.

И за да го ублажат овој ненадеен удар од таборот на „жетварите“ најавија дека поднеле жалба за неправилен настап на играч од редовите на „Детонит јуниор“  и дека по административен пат и следната година ќе играат на второлигашката сцена. За жал од жалбата не излезе ништо бидејќи како што подоцна беше наведено кочанчани задоцниле цели 24 дена да ја поднесат жалбата. Иако аргументите беа на старана на кочанчани, сепак согласно пропозициите жалбата не беше усвоена и „Осогово“ мораше да замине во трета лига.

Сега се појави нова идеја за опстанок во второлигашкото друштво која се заснова на фактот дека некои екипи од истокот што имале пласман пред „Осогово“ ќе го откажеле своето учество и дека „жетварите“ пак ќе бидат второлигаши. Но едно е да сакаш нешто да ти се подари, а друго е да се истото реализира.

И сега наеднаш деновиве нешто ново почна да кружи по спортските кулоари во „гардот на оризот“. Имено некои членови од стручниот штаб кои го водеа „Осогово“ минатите првенства најавиле повлекување од клубот.

Не господа, така не. Најпрвин ќе си го одработите мандатот во третата лига но не за високи хонорари и со толку голем стручен штаб туку речиси ќе одработите ако треба иза џабе. Доста земавте овие изминати месеци, ред е да му вратите сега на клубот. Ќе си се организирате, ќе направите екипа претежно од играчи од овие простори и од помладите селекции, ќе го вратите „Осогово“ од таму кај што го зедовте, па потоа можете слободно да си заминете беа некој да има право да ве критикува.

Сега засега освен ако некој моќник не стои зад вас ќе ви биде усвоена оставката и ќе го оставите клубот на милост и немилост на оние што ќе седнат на „жешката клупа“ и да се снаоѓа како знаат и умеат.

Така не размислувавте кога намирисавте добри хонорари за работата во клубот. Ако не знаете тоа вие да го направите, имате умни луѓе во управата, ќе седнете и ќе донесете правилна одлука од која ќе бидете ако ништо друго, барем чисти пред вашите сограѓани.

Не си играјте со приврзаниците на клубот.

С. Ивановски