Вечерва избувна пожар во станбена зграда на улицата „Кеј на Револуцијата“ во Кочани, кој благодарение на брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица од Кочани навреме беше изгаснат.
Територијалната противпожарна единица во Кочани во 18:11 часот добила дојава за пожар на вториот кат во станбена зграда на улицата „Кеј на Револуцијата“ во Кочани.
Интервенирано е со 4 возила и 10 пожарникари и доброволци од Доброволното противпожарно друштво од Кочани. Пожарот е изгаснат а благодарение на брзата интервенција тој не се проширил и на околните станови.
При гаснењето на пожарот еден пожарникар се здобил со лесно гушење и истиот е префрлен во Општа болница со проширена дејност Кочани, каде е ставен на кислородна поддршка. По укажаната лекарска помош лицето е пуштено дома.
Се испитуваат причините за пожарот.
С. Ивановски