ПРЕДУПРЕДУВАЧКИ ПРОТЕСТ НА ЖИТЕЛИТЕ ОД СЕЛО БЕЛИ ПРЕД КЈП „ВОДОВОД“

мај 25, 2022
1 минути

Дел од жителите на селото Бели денес се собраа пред управната зграда на КЈП „Водовод“ за да уште еднаш го искажат своето незадоволство за континуираното чадење на депонијата.

Дарко Арсов, жител на селото Бели изтакна: „Ова е предупредувачки собир затоа што имаме сериозен проблем, а никој не презема ништо за негово решавање. Депонијата чади повеќе од пет месеци, а поради местоположбата на нашето село, тоа секое утро е прекриено со густа магла од која не се излегува надвор затоа што чадот смрди и ги пече очите. Пред извесно време имавме состанок со градоначалникот и со директорот на „Водовод“’, но како и секогаш добивме само ветувања дека се работи на случајот и огнот на депонијата ќе биде изгаснат, но резултатите на терен покажуваат нешто сосема спротивно. Ако во најкраток период не преземат нешто конкретно, овој предупредувачки протест ќе прерасне во 24-часовна блокада на влезот во депонијата и на возилата за собирање отпад“.

Побараа решавање на проблемот на ист начин како што го реши претходниот Градоначалник и директорот на КЈП „Водовод“, кои веднаш реагираа на проблемот и депонијата три години воопшто не чадеше.

„Проблемот го имавме и порано, но пред три години тогашното раководство на „Водовод“ најде решение, дали со користење раствор од природни алги или со затрупување со земја, го спречуваа палењето и испуштањето чад. Затоа, повикуваме и сега да се постапува исто, а ако од управата на претпријатието не знаат како, нека ги прашаат своите претходници“, се надоврза Злате Данов, жител на Бели.

Од КЈП „Водовод“ истакнуваат дека го разбираат револтот на жителите од селото Бели и пошироко, но како што рекоа пожарот на депонијата е подметнат а тие како компанија превземаат мерки истиот да се стави под контрола.

С. Ивановски