В петок, на 6 мај, со почеток во 20 часот, во салата на Мултикултурниот центар во Кочани ќе биде прикажана театарската претстава „Тој и Таа“.
Претставата е во колективна режија, подготвена е од Театарската група ,,ГОДО“ од Кочани и е адаптација на драмскиот текст „Друг човек“ од Петар Гладилин. Во неа настапуваат двајца актери – Зорица Митева и Владимир Игнатов.
„Тој и Таа“ е приказ на состојбата на мажот и жената во системското живеење, во кое тие забораваат кои се и што се. Водени од некои непишани правила, влегуваат во круг наречен систем, кој им ги уништува сите клетки за емотивен развој и тие стануваат режимски суштества. Мажот пратен како „систем“ кај жената да ја придобие и да ја стави во редовите на „системот“, осознава работи кои му се потиснати од меморијата, како што се чувството за среќа, тага, љубов. Наспроти него, жената која се врти во круг исто така ги заборавила своите основни човечки емоции – момент кој ја поттикнува да размислува и да дојде до нив. Прашањето во претставата е: дали ако не го играме другиот човек во реалноста, „во системот“, можеме да живееме сосема поинаку. Одговорот е не. Кругот си е круг.
Театарската претстава „Тој и Таа“ се реализира по иницијатива на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Кочани, со финансиска поддршка од Буџетот на Општина Кочани.
Репризата на претставата е в сабота, 7 мај 2022 г.