Денес, во ЈОУ Библиотека,,Искра” во Кочани, во пресрет на 23 Април, Светскиот ден на книгата и авторското право, традиционално беше реализиран настан посветен на чествувањето на книгата, авторите, читателите и издавачите. Традиционално, на наше големо задоволство, според однапред определени критериуми, беа прогласени најдобрите читатели за 2023 година. Во категоријата деца за најдобар читател е прогласена Анастасија Хаџипаунова, во категоријата возрасни Стојка Гајдук.
На наше задоволство воведовме и трета категорија, највозрасен-почесен читател, кое признание го доби нашата почитувана читателка Бисера Наумова, која со огромна посветеност ја негува љубовта кон книгата и секоја седмица е наш редовен посетител.
Во чест на одбележувањето на 23 Април, беа прочитани двете пораки посветени на Светскиот ден на книгата за 2024 година. Светската порака, напишана од генералната директорка на УНЕСКО, г-ѓа Одре Азуле и македонската што оваа година ја напиша нашата позната поетеса, пијанистка и композиторка Ива Дамјановски.
Како и многу години наназад, членовите на ЛК,,Копнеж” ни приредија прекрасно литературно читање на лични творби, напишани и содржани во најновиот билтен посветен на Светскиот ден на книгата и авторското право.
ЈОУБ „Искра“ – Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ