Денеска беа промовирани услугите Нега во домот за стари и изнемоштени лица преку проектот „Подвижност“. Проектот е на Министерството за труд и социјална политика, со средства од Светска банка. Спроведен со поддршка од Општина Кочани, а во соработка со ОО Црвен крст – Кочани.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, истакна дека преку услугата за помош и нега во домот на старите лица им е овозможена грижа од негувател кој им помага во секојдневните обврски во домот, се грижат за нивното здравје, за рутинските медицински прегледи, односно за се што им е потребно за да можат секојдневно да функционираат.
Преку проектот досега се обучени 16 негуватели, од кои во првиот месец 14 започнале со работа. Услугата за Нега во домот за стари лица во моментот ја користат 27 корисници од можни 50. Останатите корисници ќе бидат вклучени дополнително.
-Грижата за ранливите групи најдобро може да се спроведува токму на локално ниво, зашто ние најдобро ги знаеме потребите и социјалните специфики на нашите сограѓани. Затоа сме посветени и како локална заедница, но и како одговорни поединци во обезбедувањето на поддршката за граѓаните, каде и да се наоѓаат во општината, – истакна градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов.
Во проектот е вклучен и Центарот за социјални услуги со детектирање на корисниците на услуги и издавање решенија. Директорот Кирил Ковачев истакна дека овие услуги освен на територијата на Општина Кочани се даваат и во Чешиново-Облешено и Зрновци.
Во текот на промоцијата на услугите преку проектот беа посетени две семејства кои ги користат услугите Нега во домот за стари и изнемоштени лица.