ПРВИОТ ТУРНИР ВО БАСКЕТ „3х3“ ЗА „ЕУРОКОНТРОЛ“

септември 9, 2023
1 минути

По повод празнувањето на 7 и 8 септември Здружението на граѓани „Три икс три“ од Кочани на  игралиштето во дворот на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ и СОУ „Љупчо Сантов“ организираше турнир во баскет „3Х3“. Љубителите на кошарката во Кочани имаа ретка можност два дена да гледаат и да уживаат во интересни и неизвесни натпревари.

Победник на првиот баскет турнир „3х3“ стана екипата на „Еуроконтрол“ која освен победничкиот пехар доби и ваучер во вредност од 30.000 денари. Второпласирана екипа е „Даст инг“ на која и припадна ваучер од 20.000 денари а третото место воедно и ваучерот од 10.000 денари и припадна на екипата „Лол ОГС“. За најкорисен играч на турнирот беше прогласен Михаил Николов.

Самиот турнир благодарение на ентузијазмот на Филип Димитријев, Љубомир Игнатов, Столе Димитров и Стојан Рашков помина во одлична атмосфера. На Кочанчани им се даде добра база и во иднина да размислуваат за организирање на вакви и слични турнири  кои освен спортскиот и културно-забавниот дел ќе го имаат и она најважното, дружењето на луѓето кои благодарение на ваквите средби негативностите и поделбите ги оставаат некаде подалеку.

Чиста 10 (десетка) за сето она што изминатите два дена ни го подари Здружението на граѓани „Три икс три“ од Кочани.

С.  Ивановски