Вчера, 22.3.2022. бевме информирани дека Општина Кочани, изнела неколку стотини деца од општинските училишта на пошумување. Во активностите при пошумувањето на децата им биле делени маички со лого на фабриката ,,Пејпер Мил”, познат како најголем загадувач во источна Македонија – реагира Детската амбасада МЕЃАШИ.
– Вклучувањето на деца од страна на раководствата на училиштата и општината Кочани, во услови на силен граѓански отпор, протести и негодувања на граѓаните кон најголемиот загадувач во општината не само што е злоупотреба на децата туку и манипулација на јавното мислење.
Активистите за заштита на животната средина кои бараат почист град и воздух во Кочани протестираа пред фабриката за хартија „Пејпер Мил“ и се сомневаат дека истата три пати повеќе загадува од дозволеното. Воедно бараат Општината да постави мерна станица кај фабриката.
Во вакви услови на енормна загаденост, да се вклучат учениците од градот во пошумување на инистирање на училиштето и општината – е неодговорно. Особено ако се знае дека како последица на аерозагадувањето секое второ дете страда од респираторни болести. Да потсетиме дека загадениот воздух е еден од најголемите фактори за смртност кај децата. Децата се најосетливата група, затоа што имаат организам во развој и побрзо дишење, а со тоа и побрзо внесување на загадените материи во телото. Децата се почувствителни од возрасните на внатрешно и надворешно загадување на воздухот, бидејќи нивните бели дробови, мозокот и имунолошкиот систем сè уште се развиваат, а нивниот респираторен тракт е попорозен.
Како рамноправни граѓани децата треба да бидат информирани што се случува во нивното опкружување, особено кога се работи за нивното здравје. Возрасните се должни да ги информираат за состојбите особено оние кои се од нивен интерес. Децата имаат право да знаат што се случува со животната средина , да учествуваат во процесите на одлучување, да се слушне нивното мислење и почитува.
Користењето на децата за остварување нечии цели, економски или политички, претставува кршење на слободите и правата на детето согласно Конвенцијата за правата на детето и други меѓународни и домашни конвенции и закони. Децата треба да бидат информирани што и како работи Пејпер Мил, како нивната досегашна работа и во иднина ќе се одрази врз нивното здравје, но и за протестите против загадувањето за кое се обвинети и што тие преземаат во врска со својата отчетност.
Општината Кочани и училиштата треба да ги информираат децата за работата на најголемиот загадувач во нивната област. Вчерашната активност претставува злупотреба на децата, бидејќи ниту се информирани, ниту се почитува нивното право на детско учество ниту нивното право на сопствено мислење, ниту правото на учество во донесувањето одлуки.
Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ потсетува дека Конвенцијата за правата на детето е ратификувана од Република Македонија 1993 год. како и други меѓународни документи со кои на децата им се гарантираат и правата кои спаѓаат во групата на граѓански политички права.
Од суштинско значење за децата е општините и училиштата да обезбедат простор за разговор со учениците, да ги слушнат што тие имаат да кажат, не само за да се избегне можната манипулација туку да се постави и знак на демократијата во училиштата и почитувањето на мислењата, развивањето на критичкото мислење и одговорноста, наспроти манипулацијата и инструментализацијата на децата сведувајќи ги на објекти во туѓи интереси.
Поаѓајќи од значењето на животната средина во член 8 од Уставот, животната средина е поставена како вредност и право кое мора да се заштитува и унапредува. „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ги унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“, се пропишува во член 43 од Уставот на РМ.
Затоа ги повикуваме Народниот правобранител и Државниот просветен инспекторат да преземат соодветни мерки – додаваат од Детската амбасада МЕЃАШИ.
Детската амбасада МЕЃАШИ