РЕАКЦИЈА: НЕ БАРАМЕ ПРЕМНОГУ, САМО ДА ИМАМЕ УСЛОВИ КАКО И ДРУГИТЕ ГРАЃАНИ НА КОЧАНИ

мај 16, 2023
0 минути

Жители што живеат во зградата каде што е  сместена Градската аптека и „Уни Банка“ со реакција за проблемот што им се појавил по реконструкцијата на тротоарот на улицата „Кеј на Револуцијата“ во Кочани.

„Откако се реконструира тротоарот на улицата Кеј на револуцијата кај градската аптека, тунелот на зградата цело време, и при најмали врнежи од дожд се полне со вода и не може слободно да се минува низ него. Вториот проблем е што водата останува и по неколку денови во тунелот и поради некултурата што ноќно време некои граѓани ја користат како да е градски тоалет се јавува голема смрдеа која е опасна по здравјето особено на дечињата кои одовде минуваат. Сепак се чини дека најголем проблем е што водата постепено влегува во ѕидовите на зградата и создава голема влага а според некои градежници и оштетување на зградата. Ги молиме вработените во општината под чии ингеренции се овие проблеми да изнајдат решение и да го решат проблемот бидејќи вака не одат работите на добро. Зачестените дождови во овие денови а и предвидувањата дека дождот и во наредните денови ќе продолжи само ќе го зголеми проблемот како кај нас станарите во зградата така и кај оние кои тунелот го користат за минување.“ стои во реакцијата на жителите на зградата.

С.. Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ