„СЛОГА 1934“ СЛАВЕШЕ ВО КОМШИСКОТО ДЕРБИ, И ГО ДОВЕДЕ „ОСОГОВО“ ВО ЗОНАТА НА ИСПАЃАЊЕ

април 23, 2022
1 min read

По сончево и пријатно време за игра „Осогово“ и „Слога 1934“ го одиграа комшиското дерби во рамките на 24. коло од Втора Фудбалска Лига – Исток. Гостите од Виница заслужено стигнаа до трите бода благодарение на присебноста на Андреј Симевски кој во зимскиот преоден рок навреден ги напушти редовите на „жетварите“ за да денес слатко им се освети. И декорот на трибините беше според најавите, околу 2.000 гледачи од Кочани и Виница ја наполнија западната трибина.

Домаќините први се заканија уште во 2’ кога по изведениот слободен удар од левата страна напаѓачите на домашната екипа беа кратки и не успеаја прекрасниот центар шут да го проследат во мрежата на денес мошне сигурниот Јованоски.

„Слога 1934“ возврат во 4’, но ударот на Симевски заврши покрај десната статива во гол-аут. Во 11’ по центрираната топка од десната страна голгетерот Манов закасни за дел од секундата и шансата отиде во неврат, и тоа беше се што интересно видовме во првото полувреме.

Во вториот дел мудар потег на гостинскиот тренер Никола Кузманов кој капитенот Митров кој беше одлично чуван во првиот дел од десната страна го префрли на левата, Стојче Стојов и Бојан Иванов загосподарија на средината и веќе виничани имаа поинаква игра на која „жолто-сините“ не можеа да и парираат. Таквата игра допринесе гостите да создаваат шанси за гол.

Во 57’ по еден центар-шут од десната страна Лазаров не успеа од само неколку метри да го круниса со погодот, неговиот удар со глава за малку беше непрецизен.

Натпреварот беше решен во 60“ кога по една ничија топка домашниот голман Андов непотребно истрча до корнер линијата, искусниот Иванов ја зеде топката и ја сервираше на ногата на осамениот Симевски кој без мака ја пласираше во празната мрежа. По водството домаќините се обидуваа нешто повеќе да строрат но одличната одбрана на „Слога 1934“ и сигурниот Јованоски не им дозволија да дојдат до некоја посериозна шанса за израмнување, наспроти домаќините момчињата во црвени дресови можеа и да го зголемат водството но трите удари на Митров во 77’ 82’ и 89 наместо во мрежата завршуваа покрај голот или во разцете на Андов.

Се на се заслужена победа на „Слога 1934“ која и понатака љубоморно го чува врвот на табелата, а со овој четврти пораз едно по друго „Осогово“ дојде на место кое води во Третата лига.

Резултати од 24. коло

„Осогово“ – „Слога 1934“  0:1

„Каменица Саса“ – „Победа“  1:2

„Беласица“ – „Пехчево“  3:0

„Локомотива“ – „Кожуф“  0:7

„Братство“ – „Детонит јуниор“  1:2

На табелата води „Слога 1934“ со 54 бода, пред „Беласица“ 53, „Победа“ 53, „Каменица Саса“ 44, „Кожуф“ 31, „Пехчево“ 27, „Детонит јуниор“ 27, „Осогово“ 27, „Братство“ 14, „Локомотива“ 6.

Во следното 25. коло „Осогово“ му гостува на „Кожуф“

С. Ивановски