СО СРЦЕ ОСТАВЕНО НА ТЕРЕНОТ „ОСОГОВО“ ДО ПРВАТА ВТОРОЛИГАШКА РАДОСТ

септември 23, 2023
1 min read

Со срце на теренот што го оставија играчите на „Осогово“, кочанскиот второлигаш стигна до првата второлигашка победа. Совладана е традиционално незгодната екипа на „Беласица“, но кога „Осогово“ ги совладува струмичани тоа го прави со стил. Така било од секогаш, така беше и денес бидејќи играчките на „Осогово“ во само две минути постигнаа два погодока и си ја олеснија работата до крајот на натпреварот.

Денес гледачите на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани, видоа едно ново „Осогово“, крајно инспирираниот Драган Паунов, новата улога на Лука Горгиев, одличниот стоперски тандем Марко Соколов-Никола  Столиковски и растрчаните сите останати играчи на „Осогово“ кои на противниците не им даваа во поголемиот дел од натпреварот око да отворат. Со таков пристап дојде и првата овосезонска второлигашка победа.

Се играше 11’ кога Паунов како брз воз протрча по десната страна, следуваше центар шут а голгетерот Тоше Манев од два обида успеа да го совлада немоќниот Борче Картов. Уште гостите не се беа соземала по примениот погодок следуваше нова радост на трибините. Паунов во празно го проигра Теодор Николовски кој тргна кон противничкиот гол, а кога забележа дека гостинскиот голман му трча во пресрет, рутинирано со манир на искусен стрелец ја упати топката по земја во самиот долен десен агол. По двата примени погодока гостите се подотворија но „жетварите“ умно се бранеа и својата шанса за нов погодок ја чекаа од против напади.  Во таква игра на обете страни имаше по некоја полу прилика за гол.

И во второто полувреме иста слика „жолто-сините“ играа борбено гинеа за секоја топка па гостите никако не можеа да дојдат до израз. Сепак во 62’ по една нафрлена топка од десната страна во шеснаесетникот на домаќините највисоко скокна Стефан Сулев и со удар со глава го погоди десниот дирек од каде топката заврши во мрежата. И кога гостите се надеваа дека ќе дојдат до втор погодок капитенот Александар Милушев во 66’ по еден приговор заработи црвен картон и екипата ја остави на цедило.

Играта со играч повеќе домаќините ја искористија дванаесет минути по црвениот картон за гостинскиот капитен кога  го постигнаа и третиот погодок што се покажа како конечен резултат. Се играше 78’ Паунов по кој знае кој пат ја изигра гостинската одбрана, следуваше центар шут од десната страна, на топката натрча Никола Стоилковски и со глава по трет пат ја затресе гостинската мрежа. До крајот на натпреварот за одбележување е ударот со глава на Манев по кој топката заврши во пречката на гостите.

Аплаузите која кочанската публика ги упати кон своите миленици по завршување на средбата е јасен показател за нивното задоволство од тоа како „жетварите“ денес го одиграа овој за нив мошне значаен натпревар.

Резултати од 6-тото коло:

„Осогово“ – „Беласица“  3:1

„Охрид“ – „Скопје“  1:0

„Аресими“ – „Вардар“ (Н)  1:0

„Пелистер“ – „Караорман“  4:1

„Беса“ – „Кожуф“  2:0

„Тетекс“ – „Детонит Плачковица“  4:0

„Башкими“ – „Каменица Саса“  2:2

„Победа“ – „Новаци“  1:1

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ