СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ ЈА ОДРЖА 20. СЕДНИЦА

ноември 14, 2022
0 min read

Со дополнување на дневниот ред од пет нови точки, Советот на Општина Кочани ја одржа 20. редовна седница.

Образложувајќи ја како причина блокадата во работата на Советот, а повикувајќи се на членот 74 од Законот за локална самоуправа, советникот Венко Крстевски предложи самоиницијативно распуштање на Советот, предлог кој со 3 гласа „за“ и 13 „воздржани“, не беше прифатен.

По барање на СОУ „Гошо Викентиев“, Советот ја усвои одлуката за измена на распоредот на средствата на Буџетот на Општина Кочани за 2022 година, при што од Програмата за средно образование, од ставките за електрична енергија, превоз и за реконструкција на градежни објекти ќе бидат пренаменети 3 милиони денари за набавка на компјутерска и информатичка опрема.

Советот даде согласност цената на метар кубен геотермална вода да изнесува 61,9 денари, ја усвои одлуката за давање на стопанисување на јавното осветлување на подрачјето на Општина Кочани; Локалниот акциски план за подобрување на состојбата на ромската заедница во Општина Кочани, за периодот 2023 – 2026 година; програмата за изградба на системи за водоснабдување, а го усвои и предлогот за воспоставување меѓуопштинска соработка со Општина Штип, за користење услуги од градежен инспектор.

„Потребата од воспоставување ваква соработка произлезе од неколкумесечното отсуство на градежниот инспектор. Започната е постапка за вработување на градежен инспектор во Општина Кочани, но тоа лице ќе може да постапува дури откако ќе се стекне со лиценца. Целта е да се справиме со чувствителни прашања по пријава на граѓани, а имаме доставено и кривични пријави од Јавното обвинителство и очекуваме разрешница по овие прашања“ истакна градоначалникот Љупчо Папазов.

Во врска со прашањата за нелегални градежни активности на објектот во Монополот, градоначалникот додаде дека според Одделението за урбанизам, доколку се задржи истиот габарит на објектот, нема потреба од издавање ново одобрение за градба, а другите  активности се спречени со допис за опомена со кривична пријава.

Советот на Општина Кочани не ги усвои предложените програми за уредување на градежно земјиште; за изградба и одржување на општински патишта и улици; за фекална и атмосферска канализација; за располагање со државно градежно земјиште; за изградба на објекти за домување на лица од социјален ризик; за изградба на јавно осветлување.

Според општинските правни служби, неусвојувањето на програмите за развој за периодот 2023 – 2025 година, кое е со законски пропишан рок и е услов за креирање и донесување на Буџетот за 2023 година, Советот свесно оди кон самораспуштање.

Општина  Кочани