Стојче Стојов еден од најдобрите играчи на „Осогово“ во последните неколку сезони, најави завршување на неговите настапи во „Осогово“ а се од причина што уште е револтиран за обвинувањата на негова сметка по бараж натпреварот против „Шкендија“ Арачиново. Со цел да ја запознае фудбалската јавност и да ја изнесе вистината на виделина достави соопштение до нашиот портал кој го пренесуваме во целост.
„Сакам јавно да се обратам по повод сериозните обвинувања од страна на тренерот Крсте Крстов и управата на ГФК Осогово дека сме го местеле баражниот натпревар против Шкендија Арачиново јас и уште 4 играчи. Овие обвинувања се целосно невистинити и длабоко ме погодија како човек и како професионален фудбалер. Никогаш во мојата кариера не сум учествувал во местење на натпревари, ниту пак би ја загрозил честа на клубот, моите соиграчи или сопствениот труд и углед. После натпреварот, и покрај тоа што загубивме, на состанок со тимот беа поделени премии кои еден Политичар ги додели на Клубот. Сакам јасно да кажам дека јас одбив да ја земам таа премија, бидејќи не чувствував дека сум ја заслужил. Тоа беше моја лична одлука од почит кон спортските вредности и одговорноста што ја чувствувам кон мојот клуб и навивачите кои што беа секогаш со клубот и на домашен истот такa и на гостински терен. Цврсто стојам зад својата невиност и барам целосна и транспарентна истрага од ФФМ и другите надлежни органи за да се утврди вистината. Подготвен сум да соработувам со сите институции и да ги поднесам сите потребни информации. Во исто време, го задржувам правото да ги преземам сите правни мерки за да го заштитам моето име и достоинство од лажни и неосновани обвинувања. Им благодарам на сите што ми даваат поддршка и веруваат во мојот карактер и чесност. Јас ја знам вистината и таа ќе излезе на виделина. Во наредниот период дополнително ќе ја известам јавноста што се случуваше во вториот дел на првенството на некои натпревари“.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ