СТРУМИЧКА РАПСОДИЈА НА СТАДИОНОТ „НИКОЛА МАНТОВ“

Во Спорт
април 9, 2022
1 минути

Кога денес мошне добриот судија Никола Иванов од Велес означи крај на средбата „Осогово“ – „Беласица“ 0:5 (0:0) кочанската публика која е добар познавач на фудбалот со концерт од свирежи ги „награди“ играчите во „жолто-сини“ дресови, додека играчите на „Беласица“ со огромен аплауз ги испратија во соблекувалната. Самиот крај од натпреварот ја отсликува денешната слика за сето она што се случуваше на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани.

Иако натпреварот беше најавен како дерби на колото од зборот дерби ниту буквата „Д“. Жетварите за сите деведесет минути беа толку инфериорни, и не само што не упатија ниту еден удар кон гостинскиот гол, туку речиси не се доближија ниту до шеснаесетникот на противникот.

Без разлика на никаквата игра на домаќините денес сепак кочанската публика гледаше фудбал, од страна на една екипа, од екипата на „Беласица“.

Гостите денес, особено во второто полувреме прикажаа фудбал на кој можат да им позавидат многу екипи.

„Беласица“ денес играше фудбал и тоа оној вистинскиот, што ги враќа и гледачите на стадионите и вербата во најубавата споредна работа на светот. Ако во првото полувреме играа претпазливо за што сведочи и една стопостотна шанса за гол и само три удари кон голот на домаќините, во второто полувреме си поигруваа со разбиената чета на шефот на Стручниот штаб на „Осогово“ Александар Андов.

По две неискористени шанси благодарение на одличните одбрани на домашниот голман Андов, гостите поведоа во 51’. По една филигранска акција топката дојде до Трајков кој биеше во десниот долен агол од голот на домаќините. По водството гостите имаа уште неколку прилики за гол но рековме денес голманот на Осогово Андов беше единствената светла точка па не дозволи уште некоја топка во мрежата. Но така беше се до 74’ кога домашната одбрана им подари топка на гостинските напаѓачи а Милушев тоа знаеше да го искористи и од левата страна упати удар во небранетиот дел на мрежата на Андов. Распад системот за „Осогово“ се случи во последните десет минути од натпреварот. Најпрвин во 83’ Коцев од пенал го постигна и третиот гол за да во 86’ и 88’ играчите на „Беласица“ Крстев и Давков  го докрајчат домаќинот.

Добро е што до крајот на натпреварот немаше повеќе минути за игра бидејќи како денес играа „жетварите“ добро е и што поминаа со само пет голови во мрежата.

Резултати од 22. коло:

„Осогово“ – „Беласица“  0:5

„Каменица Саса“ – „Пехчево“  2:2

„Локомотива“ – „Победа“  1:2

„Братство“ – „Слога 1934“  0:3

„Детонит јуниор“ – „Кожуф“  2:2

На табелата по 22 одиграни кола води „Слога 1934“ со 48 бода, пред „Беласица“ и „Победа“ со по 47, „Каменица Саса“ 44, „Пехчево“, „Кожуф“ и „Осогово“ по 27, „Детонит јуниор“ 21, „Братство“ 13 и „Локомотива“ 6 освоени бода.

Во следното 23 коло „Осогово“ и гостува на „Победа“ во Прилеп.

С. Ивановски