ТРЕТА ФУДБАЛСКА ЛИГА – ИСТОК, ВО КОЧАНИ ДЕЛЧЕВЦИ САМИТЕ СЕ ПОБЕДИЈА

Во Спорт
ноември 6, 2022
1 минути

Интересен и доста неизвесен натпревар одиграа „Осогово“ и „Брегалница“ од Делчево во рамките на 9-тото коло во Трета Фудбалска Лига – Исток.

До крајот на натпреварот остануваа да се одиграат уште две минути од регуларниот дел кога гостите од Делчево имаа сé во свои раце, водство од 2:1, домаќините играа со десет играчи а и психолошката страна беше во полза на Делчевци бидејќи домаќините во 80’ не реализираа удар од белата точка. И наместо машки да ги одиграат последните минути и да се обидат од контра напад да ја пробијат разретчената одбрана на „жетварите“, играчите на „Брегалница“ постојано се превиткуваа и бараа прекини. Таквата игра им се освети. Наместо трагичар, расниот голгетер Тоше Манов беше јунак на натпреварот со двата погодока во последните две минути од регуларниот дел од играта.

Самиот почеток на натпреварот навестуваше интересен но не и крајно неизвесен натпревар. Во 11’ Дојчинов биеше но денес одличниот гостински голман Бобан Атанасовски одлично одбрани. Веќе во 14’ домаќините имаа можност да го отворат резултатот но волеј ударот на Тоше манов заврши покрај левиот дирек.  И кога сите очекуваа водство за домаќините гостите поведоа. Во 19’ изведоа брза акција а по убавото уфрлање во празно Дарко Пешовски одлично ја смири топката и не чекајќи да падне на земјата биеше од прва и мрежата на немоќниот Александар Стоименов се затресе. Во 34’ домаќините израмнија. Тоше Стојанов одлично се проби по десната страна, испрати употреблив центар-шут а Тоше Манов со глава биеше од работ на шеснаесетникот и топката во парабола падна зад грбот на немоќниот гостински голман.

Во второто полувреме повторно поведоа гостите. Во 68’ изведоа брз контра напад по дената страна и по убавото проигрување осамениот Димитар Манасиев од 3-4 метри биеше во празната мрежа. По новото водство во желба да го сочуваат резултатот почнаа со одолговлекување на играта. После секој старт беа на тревата и бараа интервенција а со тоа си го нарушија ритамот на играта кој пак кај домаќините создаваше голема нервоза. Како резултат на таквата итра е црвениот картон кој во 70’ го заработи домашниот играч Љубомир Ѓорѓиев. Во 80’ беше оправдано досуден пенал за домаќините но гостинскиот голман го одбрани ударот на Тоше Манов.

И кога сите помислија дека бодовите ќе заминат за делчево што немаше да биде незаслужено, на сцена стапи Тоше манов. Најпрви во 89’ по убавото проигрување од Андреј Коцевски успеа да го израмни резултатот а само минута подоцна одбиената топка од десниот дирек ја спроведе во небранетиот дел на мрежата. Така бодовите останаа во Кочани а за нив ќе треба да жалат играчите на „Брегалница“ (Делчево) кои денес покажаа борбен и добар фудбал на стадионот Никола Мантов во Кочани.

Резултати од 9-тото коло:

„Осогово“ – „Брегалница“ (Д)  3:2

„Малеш“ – „Академија Чешиново-Облешево“  3:1

„Вардарски“ – „Карбинви“  0:1

„Тиверија“ – „Рудар“  5:2

„Победа“ (В) – „Овче Поле“  1:4

„Дојранско Езеро“ –  „Спартмани“  5:3

С. Ивановски