ЈОУ Библиотека „Искра“ од Кочани и годинава го одбележа 23-ти Април „Светскиот ден на книгата и авторското“ право.
Чествувањето започна со доделувањето на признанијата за најдобрите читатели во сениорска конкуренција и кај улениците како во библиотеката во Кочани, така и во подрачната библиотека во населбата Оризари.
Признанието „Најдобар читател“ во населбата Оризари во сениорска конкуренција и беше врачено на Ирена Спасова, а кај учениците на Теодора Захариева, ученичка во училиштето „Крсте Петков Мисирков“. Во библиотека „Искра“ во Кочани признанието за „Најдобар читател“ во сениорска конкуренција му припадна на Мичо Цеков а кај учениците на Ана Николова.
Одбележувањето на Светскиот ден на книгата и авторското право продолжи со читање на лични творби напишани од членовите на ЛК „Копнеж“ од Кочани а истите содржани во најновиот билтен.
Самото чествување беше збогатено со гостувањето на авторката м-р Елеонора Николовска која најпрвин оствари средба со учениците од „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари а во Кочани беше промовирана нејзината збирка раскази „Расказите Раскажуваат“.
Беа прочитани и традиционалните пораки кои секоја година се испраќаат по повод овој настан, Македонската порака напишана од проф. д-р Ана Стојановска и светската порака напишана од г-ѓа Одре Азуле – генерален директор на УНЕСКО.
За забавниот дел беа задолжени учениците од ООМУ „Ристо Јуруков“ од Кочани.
Инаку „Cветскиот ден на книгата и авторското право“ се одбележува секоја година на 23 Април, како симболичен датум во светската книжевност, поради Каталонскиот фестивал во Шпанија и во чест на великаните на светската книжевност Вилијам Шекспир и Мигуел де Сервантес.
С. Ивановски.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ