Црвен крст на Република С. Македонија – Општинска организација Кочани денеска во просториите на СОУ „Гошо Викентиев“ ја реализираше најавената младинска крводарителска акција.
На крводарителската акција крв даруваа 29 лица, од кои 11 првократни крводарители и истата се реализираше со поддршка на екипа од Институтот за трансфузиона медицина – Скопје.
„Акцијата е 6 – та по ред што ја реализира Црвен крст Кочани, согласно Годишниот план за крводарителски акции. Крводарителската акција е наменета за сите ученици и вработени од СОУ „Гошо Викентиев“ и СОУ „Љупчо Сантов“, студенти и млади лица од Кочани, Зрновци и Чешиново – Облешево. Ваквите акции имаат за цел да мобилизираат млади дарители, но и да дојдеме во средините каде што се младите лица за и тие да се приклучат во големото семејство на крводарители. Благодариме на сите кои дадоа свој придонес во реализација на младинската крводарителска акција, истакна“ Иле Матеничарски, од Црвен крст – Кочани.
Во текот на календарската годината, најчесто напролет и наесен во средните училишта во Кочани се реализираат младински акции за крводарување.
Од Црвен крст Кочани најавија дека в четврток, на 27 април 2023 год., е закажана и редовната крводарителска акција во просториите на Црвениот крст во периодот од 08:30 до 14 ч.
Црвен крст – Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ