ВО КОЧАНИ ОДРЖАНА 21-ТА РЕГИОНАЛНА РЕВИЈА НА ПЕСНИ, МУЗИКА И ИГРИ НА ПЕНЗИОНЕРИТЕ ОД ИСТОЧНИОТ РЕГИОН

мај 9, 2023
1 минути

Во НУ ЦК „Бели Мугри“ во Кочани денес се одржа 21-та Регионална ревија на песни, музика и игри на пензионерите од Источниот регион. Домаќин беше Здружението на пензионери од Кочани, а освен домаќините настапија и пензионерите од Здруженијата на пензионери од Берово, Делчево, Македонска Каменица, Виница и Пехчево.

 

Ревијата се организира во рамките на културно – уметничката и забавна дејност на Здруженијата на пензионери на Македонија, а истата е поддржана од Сојузот на Здруженијата на пензионери на Македонија.

Освен претседателката на ЗП „Кочани“ Јелица Зафирова, присутните ги поздрави и претседателката на Сојузот на пензионери на Македонија Станка Трајкова, која во своето обраќање истакна дека ЗП Кочани е едно од најактивните здруженија во републиката.

Пензионерите од сите здруженија се претставија со песни и ора од својот крај, а со ваквите ревии уште еднаш покажаа дека станува збор за  пензионери кои што  откако се пензионираат не седат дома со скрстени раце туку повеќето живеат активно и тоа за нив значи  долговечност. Секоја година неуморно работат, си организираат прошетки, спортски игри, и секако културни манифестации.

„Здружението на пензионери од Кочани секогаш водело и ќе води грижа за целокупното членство. Постои повеќе од педесет години, и сите ги знаете нашите активности во тие изминати педесет години постоење. Создадовме клубови и простории за пензионерите за да имаат катчиња за разонода. Сме имале бројни манифестации, учества на ревии, спортски игри од каде што се враќавме со големи успеси на државно ниво, а се стремиме кон уште поголеми успеси и достигнувања. Се грижиме за подобра здравствена заштита на нашите пензионери, но не отстапуваме и од изградбата на Регионалниот Пензионерски дом кој што ќе биде од големо значење за сите нас. Во нашата програма за оваа и за наредните години секако е учеството на бројните спортски манифестации и натпреварувања кои годинава регионалните ќе се одржат во јуни, а републичките во септември. Нема да ги заборавиме и организирањата на пензионерите во делот на рекреацијата која е многу важна за оваа доба од животот. Тука ќе ги споменам организирања на екскурзии, посети на манастири, разни собири и слично. Ќе следуваат концерти и културно уметнички активности, а во текот на годината не ја забораваме и нашата хуманост во давањето материјална помош на пензионери со најниска пензија како и бањско лекување со учество на партиципацијата од здружението“, рече на ревијата претседателката на Здружението на пензионери од Кочани, Јелица Зафирова.

Пред настапот сите здруженија го искористија убавото време и продефилираа низ кочанските улици.

С. Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ