ВО КОЧАНИ СЕ ИГРА КОМШИСКОТО ДЕРБИ, НЕРЕШЕНИОТ РЕЗУЛТАТ НИКОМУ НЕ ОДГОВАРА

Во Спорт
април 22, 2022
0 минути

Утре (Сабота) со почеток во 16:00 часот се играат натпреварите од 24. коло во Втора Фудбалска Лига – Исток.

Вниманието на љубителите на фудбалот секако дека го привлекува комшиското дерби во кое „Осогово“ ја пречекува водечката екипа на табелата „Слога 1934“ од Виница.

Посебен печат на натпреварот дава сознанието дека трите бода за двете екипи се во опција, додека нерешениот резултат ќе ги доведе во прашање нивните амбиции.

„Жетварите“ по трите последователни порази  во прашање го доведоа пласманот меѓу првите седум екипи, пласман кој води во единствената втора лига што ќе стартува во следното првенство па затоа трите бода од утрешниот натпревар им се повеќе од потребни.

Виничани иако лидери на табелата не помислуваат на друга опција освен победа бидејќи иако се на првото место на табелата во „врат им дишат“ „Беласица“ и „Победа“ па секој кикс на „Слога 1934“ само ќе ги зголеми амбициите на струмичани и прилепчани.

Домаќините ја очекуваат помошта и од нивните верни навивачи особено од НГ „Сејмени“ кои знаеле многупати да бидат нивниот дванаесетти играч.   Кој ќе биде во сабота победник а кој губитник ќе дознаеме нешто пред 18 часот.

Во ова коло мошне интересен е и натпреварот во Каменица каде „рударите“ ја пречекуваат „Победа“. И преостанатите три средби можат да донесат неизвесен фудбал во кои секако и изненадувањата не се исклучок.

Двојки за 24. коло:

„Осогово“ – „Слога 1934“

„Каменица Саса“ – „Победа“

„Беласица“ – „Пехчево“

„Локомотива“ – „Кожуф“

„Братство“ – „Детонит јуниор“

С. Ивановски