Од вечерва, со поетско-музичкиот настан „Подобро општество за слепите лица во Кочани“, Општина Кочани го започнува одбележувањето на Петровден, празникот на градот.
Централните настани се распоредени в четврток и петок, 11 и 12 јули.
На 11 јули во 12:30 ч., градоначалникот Љупчо Папазов ќе одржи средба со најуспешните и наградуваните ученици од основните и средните училишта. Во 17 ч. во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ ќе се одржи вечерна празнична богослужба на која ќе чиноначалствува митрополитот Брегалнички г. Иларион, а потоа и литија и кршење на славскиот колач во Градскиот парк во Кочани. Во 19 ч., во дворот на црквата „Св. великомаченик Георгиј“ ќе се одржи концерт на духовна музика со Сузана Спасовска и црковниот клирос „Пелагонитиса“. На Споменикот на слободата, од 20:30 ч. публиката ќе може да ја проследи операта „Дидона и Енеј“, во изведба на СКЦ од Ниш, Србија.
На 12 јули во 20 ч. на терените во ООУ „Св. Кирил и Методиј“, ќе се одигра финалниот натпревар од Петровденскиот турнир во мал фудбал, а од 21 ч. на Споменикот на слободата концерт ќе има групата „Нокаут“.
В сабота, на 13 јули, со почеток од 11 ч., на Пониква ќе се одржи меѓународниот фестивал на влашки песни „За Петровден сите на планина“.
На 14 јули од 9 до 20 ч. во СРЦ „Аква“ ќе бидат приредени најразлични музички, изложбени и други уметнички содржини во настанот „24 часа урбан здив“. В недела, ПСК „Осогово“ од Кочани, ќе го реализира 17. Петровденски марш, со искачување до врвот Китка, 1903 м надморска висина.
Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ