ЗАВРШИ КОНЗЕРВАЦИЈАТА И РЕСТАВРАЦИЈАТА НА СПОМЕНИКОТ НА СЛОБОДАТА ВО КОЧАНИ

декември 12, 2024
1 минути

Општина Кочани беше домаќин на амбасадорката на САД  Анџела Агелер и на министерот за култура Зоран Љутков, кои со членови на семејствата Чемерски и Раѓeновиќ и други гости присуствуваа на завршницата на реставрацијата и конзервацијата на Споменикот на слободата во Кочани.

Aмбасадорката Агелер го истакна задоволството од завршените работи, реализирани со финансиски грант од 245 илјади американски долари од амбасадорскиот фонд на САД.

„Задоволство е што можеме да го поддржиме зачувувањето на културата и сите граѓани да можат да го посетат ова богато културно наследство. Оваа земја има огромен број скапоцени историски богатства и тоа е одлична можност за народот на Соединетите Држави да помогне, бидејќи во тешки економски времиња понекогаш е тешко да се даде приоритет на вакви проекти“ изјави амбасадорката Агелер.

 

„Посебно ми е драго што имаме едно одлично пријателство со Соединетите Американски Држави коишто се наши стратешки партнери и во делот на политиката и во делот на економијата, но посебно ми е драго што се наши блиски партнери во делот на културата и што заедно заживуваме повторно вакви значајни споменици“ истакна министерот за култура Зоран Љутков.

Упатувајќи благодарност за поддршката на реконструкцијата и заштитата на Споменикот, градоначалникот Љупчо Папазов нагласи дека приоритет во иднина ќе биде тој да се зачува од атмосферските влијанија, но и од вандалското однесување на поединци.

„Времето во кое е граден овој споменик, амбициите со кои е пристапено во реализацијата на мозаикот од 330 метри квадратни, како сериозен уметнички и архитектонски предизвик, е обврска да се грижиме добро за ова културно наследство заради тоа што зборува за историјата на македонскиот народ, заради тоа што е влезен во Регистарот на споменици на културата заштитени со закон. Сакаме да го оживееме со поголем број настани, со поголем број луѓе присутни на овие простори, во исто време да обезбедиме физичко обезбедување и видеонадзор. Осветлувањето е веќе завршено и очекувам дека граѓаните, пред сѐ, ќе го чувствуваат како свој простор и ќе учествуваат во грижата за зачувувањето на ова културно-историско наследство“, истакна Папазов.

Со реставраторските работи се обновени близу 80 проценти од Споменикот кој имаше сериозни оштетувања на мозаичките фризови, но и на целата архитектура во амфитеатралниот дел и во околниот простор. Техничките работи од проектот ги изведе компанијата „Исток мермер“, а конзерваторско-реставраторските работи на мозаичките фризови – петчлен стручен тим под раководство на уметникот Владимир Симеонов.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ