Во организација на влашката пејачка група „Грамостеањ“ од Скопје, а со поддршка од Општина Кочани, на Пониква, на Осоговските Планини се одржа 16. Меѓународен влашки етнофестивал „За Петровден сите на планина“.
Во програмскиот дел настапија стотина учесници од домашни фолклорни групи и друштва, а имаше и гости од Романија кои се претставија со влашки песни и игри.
На отворањето на фестивалот, присутните учесници и гости ги поздрави градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов, кој нагласи дека Општината дава целосна поддршка етнофестивалот да продолжи и во иднина, нагласувајќи ја важноста на културната, економската и другата соработка меѓу сите етнички групи во државата и пошироко. Исто така, градоначалникот Папазов го истакна и значењето на оваа манифестација за промоција на туристичките потенцијали на Осоговските Планини, локација што е во нераскинлива врска со влашката заедница.
Со етнофестивалот „За Петровден сите на Планина“ започна реализацијата на содржините од културно-забавната програма „Петровден 2023“ што ја организира Општина Кочани.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ