Иако најавуваа три бода од гостувањето во Богданци, Фудбалерите на „Осогово“ загубија уште еден натпревар, по единаесетти пат во есенскиот дел на првенството натпреварот го напуштија со наведнати глави. „Жолто-сините“ со својот индолентен пристап им овозможија на младите момчиња од „Вардарски“ да ја забележат првата победа во есенскиот дел од првенството. Ако некој го гледал натпреварот ќе констатира дека „жетварите“ и речиси ништо не одиграа со топката, трчаа барјаци сув дел од натопениот терен со вода без да имаа желба да ги извалкаат дресовите и да ги оправдаат вложувањата во нив. Ако оправдувањето за поразот им е тешкиот терен за игра, тој важеше и за домаќините кои имаа желба за победа и со оставање срце на теренот, дојдоа до неа.
„Вардарски“ поведе во 30’. По еден карамбол во гостинскиот шеснаесетник топката дојде до осамениот Филип Радевски, кој убаво ја прими на градите а потоа следуваше удар кон голот на гостите, топката при тоа зафати еден гостински играч, доби чудна патека и заврши во десниот горен агол на немоќниот Ѓорѓи Јованоски.
Се играше 54’ кога „Осогово“ без некоја посериозна прилика за гол го израмни резултатот. Паунов центрираше од десната страна топка се одби од домашниот капитен Христијан Бејков и помеѓу неколку домашни играчи заврши зад гол линијата.
И кога се поверува дека кочанчани можат да дојдат до трите бода тие дозволија во 74’ да примат и втор погодок. По еден контра напад на домаќините по десната страна убаво во празен простор беше проигран Илија Баламов, кој изби сам пред гостинскиот голман а кога забележа дека тој му појде во пресрет, рутинирано со манир на искусен стрелец ја пласираше топката по земја која од левиот дирек се одби и заврши во мрежата на Јованоски за нова радост кај домаќините.
Во судиското надополнување сепак „жолто сините“ можеа да дојдат барем до бод, но нововлезениот Стојанче Тренчев иако беше сосема сам пред голот на домаќините биеше непрецизно што значеше и конечна победа за екипата на „Вардарски“.
Навивачите на „Осогово“ преку социјалните мрежи ни упатија прашање, зошто на овој важен натпревар за Богданци кочанчани отпатуваа без искусните Тоше Манов, Стојче Стојов, Љубомир Ѓеорѓиев и Славче Митовски. Одговорот ќе треба да го побараат кај оние кои се во клубот.
Резултати од 15-тото коло:
Вардарски – Осогово 2:1
Аресими – Вардар 5:1
Беласица – Македонија ГП 0:4
Охрид – Борец 4:1
Башкими – Брегалница 2:1
Победа – Детонит Плачковица 0;0
Новаци – Кожуф 0:0
Каменица Саса – Скопје (Прекинат во 71’ при резултат 1:1)
Конечната табела по регистрирање на натпреварот Каменица Саса – Скопје.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ