Она што големите „домакини/ки“ го фрлаат каде ќе стигнат, дежурните екипи на КЈП „Водовод“ го чистат.
Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на ново недомаќинско однесување на некој наш сограѓанин, или можеби наш комшија.
Иако на западната страна од плочникот си има уредно поставена корпа за отпадоци се нашол некој паметен па како за инает ја фрлил кесата со домашен смет онаму каде никој не посакува, надвор од корпата.
И како и секогаш кучињата ситници барајќи храна го разнесуваат сметот по плочникот.
Навистина тој што ја фрлил кесата немало да се измачува ако ја фрлил во корпата за отпадоци, или уште дваесет метри подалеку во еден од двата контејнери, но не, тоа за него било „равенка со две непознати“.
Колку и да сакаме да критикуваме секоја критика е залудна бидејќи тој самиот требало да размисли дека со неговиот чин на некултурно однесување допринесува за загадување на човековата околина.
Јавно ги повикуваме советниците од Советот на Општина Кочани кои ги плаќаме од наши пари, да ги остават по страна политиките и партиите, туку да изнајдат начин да се донесе одлука градот да почне да се покрива со поставување на надзорни камери, бидејќи со тоа би ја сочувале животната средина и лесно би го пронашле сторителот, во спротивно ќе ни се и понатаму случува она што стана веќе секојдневие во некогаш еден од најчистите градови.
С. Ивановски