Играчите на „Осогово“ денес го одиграа можеби најдобриот натпревар во оваа натпреварувачка сезона. Денес против фаворизирана екипа на „Башкими“ на која особено во првото полувреме и помагаше несигурниот судија Марјан Дејаноски од Кичево, срцето го оставија на теренот и заслужено ги освоија трите бодови.
Несигурниот Дејаноски покажа 17 жолти картони од кои 7 за домаќините и 10 за гостите, но ако малку ги знаеше и ги применуваше фудбалските правила гостите уште во првото полувреме можеа да останат со 1 до 2 играчи помалку. Но да се надеваме дека некој друг ќе ја погледне снимката и ќе ја донесе правилната одлука.
Во првото полувреме и двете екипи играа стрпливо и ја чекаа својата шанса од некој против напад, во таква игра гостите и ја создадоа единствената прилика за гол но голманот на „Осогово“ Ѓорѓи Јованоски го скрати аголот и го одбрани овој зицер на гостите.
За разлика од малкуте шанси во овој дел од играта, гледачите видоа една остра а на моменти и груба игра од некои играчи на „Башкими“ кои покажаа дека не им е местото на фудбалските терени, туку можат да се занимаваат со некој друг спорт.
Се играше 45’ кога гостинскиот играч Бојан Пановски кој имаше веќе заработено жолт картон мошне грубо стартуваше над домашниот играч Никола Стоиловски, повеќе играчи од двете екипи се стрчаа кон повредениот играч за да еден гостински фудбалер оттурна непрописно еден домашен играч но кога сите очекуваа барем втор жолт картон за Пановски што автоматски ќе значеше црвен, несигурниот судија Дејаноски се уплаши и жолт картон му покажа Адис Мурати. Оваа негова одлука предизвика бура од негодување кај домашната публика и кај играчите на „Осогово“.
На полувремето додека играчите влегуваа во своите соблекувални еден член на управата на „Башкими“ влезе во конфликт со домашните играчи иако според некои нему не му било местото таму. Делегатот треба да се произнесе за ова.
Во второто полувреме играчите на тренерот Крсте Крстев се разлетаа по теренот, како да тоа беше некоја нова екипа. Гостите беа изненадени и први за погодок се заканија „жолто-сините“ но во 48’ Драган Паунов одлично се проби по левата страна излезе сам пред голманот Амир Јашар кој со добра интервенција ја сочува својата мрежа. Одлуката на денешниот натпревар падна во 69’. По една нафрлена топка Владимир Жоглев скокна пред гостинскиот голам кој ја испушти топката па на голгетерот на „жетварите“ не му беше тешко со топката да влезе во мрежата. Ерупција на трибините. Играчите на „Осогово“ по водството се растрчаа на теренот, срцето го оставија, создадоа и неколку полуприлики за гол но и вака со еден гол во мрежата на индиспонираните играчи на „Башкими“ дојдоа до трите бода. Наполно заслужено.
Резултати од 26-тото коло:
Осогово – Башкими 1:0
Вардар – Борец 1:0
Брегалница – Македонија ГП 0:0
Детонит Плачковица – Аресими 0:0
Кожуф – Беласица 1:1
Скопје – Охрид 1:2
Вардарски – Победа 0:1
Каменица Саса – Новаци 0:0
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ