По четиримесечниот мрак по трагедијата во дискотеката „Пулс“ која однесе 62 млади животи, денес се појави мала искра, искра за едно сеќавање на еден од 62-те Ангелчиња, искра која наиде на одобрување на голем број граѓани на Кочани а посебно на љубителите на кошарката.
По два дена работа, денес на северниот ѕид од Спортската сала „Сашо Лазарев“ осамна комплетно изработениот мурал на кошаркарот на „Баскет Дино“ од Кочани, Петар Иванов кој токму денес требаше да го слави својот 21-ви роденден.
Идејата ова да се направи за еден млад талентиран спортист – кошаркар е за поздравување и почитување, бидејќи Петар беше голем кошаркарски потенцијал на Кочани што беше јасно уште кога во 2019 година ја понесе титулата МВП на Фајнал форот М-14 што се одржа во Кочани.
Мурал полн со емоции за еден од 62-те Ангелчиња кој четири месеци не е помеѓу нас.
Вечна ти слава Петар, вечна ти слава наш Анѓелу.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ