Се одиграа натпреварите од 25 коло во Втора Фудбалска Лига – Исток во кое на четири натпревари славеа домаќините додека само комшиското дерби во Виница заврши без голови.
„Осогово“ гостуваше на „Кожуф“ во Гевгелија и со гол кој го прими на дваесет минути пред крајот на средбата загуби драгоцен бод и ја влоши и онака лошата состојба на табелата.
Дерби натпреварот се одигра во Прилеп каде „Победа“ одигра моќно против „Беласица“ и со три гола во мрежата на Струмичани на две кола до крајот на првенството се искачи на врвот на табелата.
Комшиското дерби се одигра во Виница. Иако „Слога 1934“ важеше за голем фаворит сепак „рударите“ успеаја да ја одбранат својата мрежа и виничани да ги симнат од врвот.
„Детонит јуниор“ кој се препороди со доаѓањето на клупата на Гордан Здравков ја збриша последнопласираната „Локомотива“ и си ги зголеми и те како шансите за влез во единствената втора лига.
Во Пехчево истоимениот клуб беше подобар од „Братство“ и заслужено дојде до три бода но и е единствената екипа која како домаќин прими гол во ова коло.
Резултати од 25. коло:
„Кожуф“ – „Осогово“ 1:0
„Слога 1934“ – „Каменица Саса“ 0:0
„Победа“ – „Беласица“ 3:0
„Детонит јуниор“ – „Локомотива“ 4:0
„Пехчево“ – „Братство“ 3:1
На две кола до крајот на првенството на табелата води екипата на „Победа“ со 56 бода пред „Слога 1934“ со 55, „Беласица“ 53, „Каменица Саса“ 45, „Кожуф“ 34, „Пехчево“ 30, „Детонит јуниор“ 30, „Осогово“ 27, „Братство“ 14, „Локомотива“ 6.
Во следното 26 коло „Осогово“ ја пречекува екипата на „Детонит јуниор“.
С. Ивановски