ЗАПАДНАТА СТРАНА НА СПОМЕН ДОМОТ „АСНОМ“ КАКО ОД ХОРОР ФИЛМОВИТЕ

јуни 18, 2022
1 минути

Изминатата среда од Општина Кочани беше организирана еко-акција во која како што беше наведено се чистела околината на три локации во градот, меѓу кои едната беше спомнато дека е кај Спомен домот „АСНОМ“. Да се чистеше дел од околината но по се изгледа само на јужната страна бидејќи денешните фотографии се направени на северната и западната страна на Спомен домот „АСНОМ“ и нешто друго зборуваат.

Ова е Кочани денес, а денес е Сабота. Скалите кои се обрасната со густа бујна вегетација се наоѓаат на западната страна и водат надолу кон мостот кај „Шопинг центарот“.  На тој потег е и создадена нова депонија.

Дали некој совесно или не ја уништува оваа локација во срцето на градот, ниту знаеме ниту можеме да претпоставиме, но очигледно е дека некому овој потег му смета и не бира начин како да го уништи.

Неодамна овде кај Спомен домот „АСНОМ“ беше извадена и украдена металната ограда во должина од неколку десетици метри, сторителот не е откриен или пак ако е откриен не е информирана јавноста. Деновиве некој уште „попаметен“ успеал со секира да го уништува посаденото дрво. Го спремал онака како што по се изгледа искуството му наложува, го скастрил и го оставил да се исуши па потоа  кога ќе дојде вистинскиот момент да си го однесе на домашна адреса. Ќе има да си се грее едно две седмици.

За да не ги повикуваме надлежните бидејќи тие си ја „вршат“ работата како што треба, ќе оставиме читателите да размислат кој треба да се грижи сето ова да стане минато.

С. Ивановски