„ОСОГОВО“ НЕПОРАЗЕНО СЕ ВРАЌА ОД ГЕВГЕЛИЈА

Во Спорт
октомври 30, 2021
1 минути

Со одигрувањето на натпреварите од 9-тото коло заврши првиот круг од трикружниот систем во годинешното првенство на Втора Фудбалска Лига – Исток.

Фудбалерите на „Осогово“ продолжуваат да ги зарадуваат своите навивачи кога се во прашање натпреварите на гостински терен. Овој пат „жетварите“ освоија бод во Гевгелија но доколку беа поконцентрирани во последната минута од судиското надополнување можеа да се вратат и со целиот плен.

Како што не информираат нашите колеги од Гевгелија иницијативата преку целиот натпревар била на страната на домаќините, кои при тоа создале неколку шанси за гол но благовремените интервенции на гостинскиот голман Иванов, мрежата на „жолто-сините“ мирувала. И гостите не играле подредена улога напротив создаделе две прилики за гол од кои едната еден на еден не била искористена а втората кога ударот од дваесетина метри на Екрем Мемеди домашниот голман го одбранил.

Резултатот го откриле гостите во 79’ кога Екрем Мемеди минал неколку домашни играчи, во вистински момент го проиграл Кристијан Антонов кој избил сам пред домашниот голман и ја упатил топката во небранетиот дел од мрежата.

Домаќините бодот го спасиле во четвртата минута од судиското надополнување. По изведениот корнер топката била исфрлена вон шеснаесетникот по што следувал нов центар шут а домашниот играч Христијан Бејков од само неколку метри ја упатил во мрежата.

Во комшиското дерби што се одигра во Македонска Каменица трите бода заминаа за Виница. Единствениот гол бил постигнат во 32’ кога Андреј Коцевски нафрлил а еден домашен играч ја спровел топката во небранетиот дел од мрежата.

Резултати од 9-тото коло:

„Кожуф“ – „Осогово“  1:1

„Каменица Саса“ – „Слога 1934“  0:1

„Кит Го“ – „Локомотива“  4:0

„Детонит“ – „Братство“  4:0

„Беласица“ – „Победа“  0:1

Во сабота стартува првиот дел од вториот круг а „Осогово“ гостува во Македонска Каменица.

С. Ивановски