Веста објавена на еден локален медиум во раните утрински часови дека од кругот на Општа болница со проширена дејност – Кочани е исчезнато едно од возилата за прва помош ја разбрани јавноста во Кочани.
Според информациите до кои што дојдовме исчезнувањето на возилото од вработен во болницата е пријавено во 03:40 часот. Алармирана е дежурната полиција па само неколку минути по пријавата возилото било забележано како се движи по улицата „Тодосија Паунов“ кон излезот од градот. Иако имало обид за негово запирање возилото ја зголемило брзината и едноставно по околните улици исчезнало.
Во меѓувреме полициски службеници извршиле увид во Општа болница се со цел да се пронајде сторителот.
Утринава во 08:30 часот било пријавено дека возилото е пронајдено на улицата „Кирил и Методиј“ која е од северната страна над Општа болница со проширена дејност Кочани.
Службите од полицијата работат на случајот и како што дознаваме наскоро треба да го дознаат сторителот на ова мистериозно исчезнување на возилото за прва помош.
С. Ивановски