СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ ЈА ОДРЖА 25. СЕДНИЦА

февруари 17, 2023
0 min read

На 25. седница Советот на Општина Кочани разгледуваше 35 точки.

Членовите на Советот ги усвоија завршните сметки на основните и на средните општински училишта, на Јавната општинска установа библиотека „Искра“; годишната сметка на Буџетот на Општина Кочани и годишниот извештај на Општина Кочани за 2022 година.

Советот ја усвои и предложената измена на распоредот на средствата од Буџетот на Општина Кочани за 2023 година, која се однесува на самофинансирачки активности во детските градинки, односно за реализација на набавка на средства за кујнска опрема. Исто така ги усвои Извештајот за реализација на Програмата за работа на Локалниот младински совет на Општина Кочани за 2022 година, Програмата за тековната година, а одобри Младинскиот совет да користи просторија во Мултикултурниот центар.

На 25. седница, Советот не даде согласност на одлуката за промена – зголемување на цената на кубен метар геотермална вода, а не го усвои ни Планот за работа на КЈП „Водовод“ за 2023 година. Не беа усвоени и Информацијата за малолетничката деликвенција на подрачјето на општина Кочани, Информација за чистењето на одводните канали и речните корита и неколку општински програмски извештаи за минатата година.

Во духот на солидарноста, Советот на Општина Кочани даде согласност за издвојување финансиски средства во висина од 300 илјади денари од постојаната буџетска резерва – по 150 илјади денари за помош на Република Турција и на Сириската Арапска Република, за справување со последиците од неодамнешниот катастрофален земјотрес.

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ