Во натпревар од 10-тото коло против добрата екипа на „Охрид“, „Осогово“ го претрпе и седмиот пораз во ова првенство, четврти на домашен терен. Бодовите се загубени, но навивачите на кочанскиот второлигаш се загрижени за повредата на несомнено најдобриот нивни играч оваа сезона Стојче Стојов. Тој во 43’ доживеа повреда а по укажаната прва помош на теренот, со возило на итна помош беше однесен во Општа болница со проширена дејност – Кочани за да се утврди степенот на повредата.
„Сега лекарите ги погледнаа снимките и утврдија дека нема скршеница, но морам да почекам дваесет и четири часа да направам магнетна резонанса и да го снимам коленото. Коленото е отечено и имам болки. Инаку во тој напад кон голот на противникот упатив удар со десната нога, немаше никаков контакт со противнички играч туку едноставно левата нога некако се заврте и пропадна на теренот. Осетив страшна болка. Се надевам дека не е нешто сериозно“, ни изјави Стојче Стојов популарниот Бекам, веднаш по излегувањето од болницата во Кочани.
Му посакуваме добри вести по денешното снимање и што побрзо враќање на зелениот терен.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ