ДАЛИ ВТОРА ФУДБАЛСКА ЛИГА ЗА ЖЕНИ ЗАВРШИ ПРЕД ДА ЗАПОЧНЕ?

Во Спорт
ноември 9, 2021
1 минути

Една стара поговорка вели „Видела жабата коњот го потковуваат и таа ја кренала ногата“, отприлика така би се оценила моменталната состојба во женскиот фудбал во Македонија. Луѓето кои седат во столчињата на ФФМ а фудбалот за нив е мислена именка виделе како е организиран женскиот фудбал во развиените земји и веднаш побрзаа и кај нас такво нешто да се направи иако реални услови за тоа немаме.

Иако сите знаат дека квалитетот во Првата Фудбалска Лига за жени е на мошне ниско ниво, од оваа сезона направија и Втора Фудбалска Лига за жени, лига која уште на самиот старт ги покажа сите свои слабости.

За да има две лиги се побрза да се пријават 12 клубови во Втора Фудбалска Лига за жени. Најактуелен беше Велес кој пријави дури три екипи! (ЖФК „Клепа 2021“, ЖФК „Братство 2021“ и ЖФК „Паун 2021“) од кои за жал ниту една не се појави на теренот во првото коло. За првите две екипи се знаеше дека се формираа за да веднаш се растурат а третата ЖФК „Паун 2021“ беше ставена во извлекувањето на броевите за новото првенство.

И наместо во првото коло десетте пријавени клубови да одиграат пет натпревари, се одиграа само два, ЖФК „Паун 2021“ не отпатува во Охрид на натпреварот со „Билјанини извори“, ЖФК „Интернационал“ не се појави во Кочани а не се одигра ниту натпреварот „Здравје“ – „Џи-Џи“.

Па каква ќе биде лигата до крајот ако повеќе од половина натпревари не се одиграа уште во првото коло.

Клубовите кои сакаат да учествуваат во овој ранг на натпревари гледаат и не веруваат што се случува, потрошија пари за преглед на своите играчи согласно прописите во време на пандемијата а нивните противници не истрчаа на теренот.

Ќе заврши ли вештачки формираната Втора Фудбалска Лига за жени или нејзиниот крај се виде уште на самиот почеток.

Така е кога  се избрзува со донесување на одлуки од страна на нелегитимните органи на ФФМ.

С. Ивановски