Се одиграа натпреварите од 16-тото коло во Прва Фудбалска Лига за жени. Екипата на „Кочани“ во интересен и неизвесен натпревар загуби како домаќин од фаворизираната екипа на „Каменица Саса“ 2:3 (1:2)
Гостинките први го отворија резултатот кога во 5’ од натпреварот прецизна беше Петрушовска. Водството на гостинките не ги збуни домашните играчи, напротив заиграа по отворено но неискуството во тие моменти дојде до израз. „Рударките“ во 18’ го зголемија водството преку Димитровска. И кога малкумината гледачи очекуваа „бродолом“ на „жетварките“ тие се соземаа и направија пресврт.
Најпрвин во 26’ преку Бангиева го намалија резултатскиот дефицит за да во второто полувреме во 58’ преку Стојковска го изедначат резултатот. Тогаш гостинките тргнаа по трите бода а девојчињата од „градот на оризот“ љубоморно го чуваа нерешениот резултат.
Гостинките од Македонска Каменица игра малку нервозно и збунето па не можеа да искористат пенал иако за такво нешто добија две можности. Првиот удар го одбрани домашниот голман па пеналот поради наводно предвремено влегување на еден домашен играч во казнетиот простор беше повторен, вториот удар заврши покрај голот.
Сепак домашните играчи останаа со празни раце бидејќи во 81’ Димитровска по втор пат успеа да ја затресе мрежата на кочанчанки.
Резултати од 16-тото коло:
Кочани – Каменица Саса 2:3
Брера Тиверија – Љуботен 2:1
Топ Гол – Истатов 3:6
Речица – Јунајтед 0:0
Скопје – Вардар 3:1

С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
