По една година пауза поради пандемијата со Ковид 19, денес во организација на Пчеларското здружение „Матица“ од Кочани на платото во Градскиот Трговски Центар во Кочани по дваесет и четврти пат се одржува манифестацијата „Денови на медот“.
Единаесет излагачи на кочанчани им понудија квалитетен мед, други пчеларски производи, како и опрема за одржување на пчелните семејства и собирање на медот.
Цените на медот која се движи од 400,00 до 500,00 денари како што истакнуваат е во зависност од пашата, но сепак цените се прифатливи за купувачите за што сведочи и самата посетеност.
По повод свеченото отворање, манифестацијата „Денови на медот“ беше збогатена со учество на Играорна груп од Зрновци и Фолклорниот Ансамбл „Љупќо Сантов“ од Оризари.
Манифестацијата беше посетена и од страна на Градоначалникот на Општина Кочани Николчо Илијев во друштво на Трајан Димковски Заменик Министер за земјоделство шумарство и водостопанство како и Менде Трајковски Претседател на Здружението на пчелари на Македонија.
Манифестацијата завршува утре (Недела), па сите оние кои го сакаат и употребуваат овој здрав производ можат да го посетат саемот и да се снабдат со квалитет за кој им гарантираат самите производители.
С. Ивановски