ФОРМИРАН ЛОКАЛНИОТ МЛАДИНСКИ СОВЕТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ

јануари 20, 2022
1 минути

Локалното собрание на млади на Општина Кочани во соработка со Општина Кочани, по распишаниот јавен повик за членство во Младинскиот совет на Општина Кочани, во просториите на Мултикултурниот центар одржа седница на која беа избрани членовите на Локалниот младински совет.

Номинираните кандидати на самата седница кратко им се претставија на делегатите од Локалното собрание на млади со своите идеи и размислувања во врска со натамошните активности и функционирање на Локалниот младински совет, по што делегатите на Локалното младинско собрание од вкупно пријавените 11 члена, по пат на непосредни избори со тајно гласање избраа пет члена, со што го формираа Локалниот младински совет на Општина Кочани.

Локалниот младински совет на Општина Кочани го сочинуваат: Иле Матеничарски, номиниран од Општинската организација на Црвен крст – Кочани; Јани Михајлов, номиниран од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ОК Кочани;  Тина Соколовска од Здружението „Еднакви за сите“; Иван Јанев номиниран од Локалниот клуб на СДММ – Кочани и Јаким Јакимов номиниран од Борачки клуб „Спартак“ – Кочани.

Локалниот младински совет има советодавна и застапувачка улога во општините. Неговите претставници иницираат прашања за млади пред општините, учествуваат во процесот на изработка на локалната младинска стратегија и акциски план за нејзино спроведување, предлагаат точки на дневен ред на советите на општините, вршат советодавни и застапувачки активности во интерес на младите кон општината.

Општина  Кочани