ТРЕНЕРИТЕ И СУДИИТЕ ПОБОГАТИ СО НОВИ ЗНАЕЊА ОД КУРСОТ ПО БОРЕЊЕ ШТО СЕ ОДРЖА ВО КОЧАНИ

Во Спорт
мај 8, 2022
1 минути

Четириесет тренери и петнаесет судии учествуваа на годинешниот курсот во борење кој во организација на БФРСМ (Боречка Федерација на Република Северна Македонија) и УВВ (Светска Боречка Асоцијација) од 02-09 Мај се одржа во Кочани.

Курсот опфаќаше два дела, теорија и пракса а него го водеа лиценцирани едукатори од Светската Боречка Асоцијација.

Со тренерите работеше Георги Средков од Бугарија, додека за теоретскиот и практичниот дел со тренерите беше задолжен Давор Петањек од Република Хрватска.

Теоретскиот дел изминатите седум дена се реализира во конференциската сала на Хотел „Сити ин“ во Кочани, додека за практичниот дел на располагање ја имаа боречката сала на БК „Спартак“.

Денес на последниот ден од курсот беше организиран натпревар во борење се со цел да се види како новите правила во борењето се прифатени и од тренерите и од судиите.

По завршувањето на натпреварот на сите оние кои го посетија курсот едукаторите, секој во својот дел врачија  лиценци кои и те како ќе им користат во понатамошната нивна кариера.

Присуството на Дејан Богданов – Претседател на Боречката Федерација на Република Северна Македонија и секретарот Драгана Савева мошне позитивно делуваше на посетителите на курсот за што сведочат и изјавите кои деновиве ги слушавме и од тренерите и од судиите.

Вакво нешто му недостасуваше на Македонското борење. Различните струи кои со години го нарушуваа мирот и стабилноста во  најтрофејниот спорт во Македонија да се надеваме дека сега се минато. Хемијата која беше воспоставена за време на седумте дена сигурно е дека позитивно ќе се одрази овој спорт полека но сигурно да почне да се враќа на старите патеки.

С. Ивановски