Завршување на веќе почнатите инфраструктурни и други проекти, но и почеток на нови што произлегле по средби со граѓаните и по завршените анализи на затекнатите состојби најави градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, на регионалниот настан „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт отчет на ВМРО-ДПМНЕ“ во Кочани.
„Во периодот на преземањето на градоначалничката функција ја затекнав состојбата со реализација на проектот за изградба и поставување на атмосферска канализација на улицата „Стево Теодосиевски“, а реконструкцијата на градскиот парк ќе продолжи со уредување на делот од летната сцена и детскиот парк со нови реквизити, опрема и нов под. Со реконструкцијата на кракот и паркингот на улицата „Роза Петрова“ се доби функционален простор со површина од три илјади квадратни метри, сообраќаен пристап за станарите до објектите за колективно домување и нови 90 паркинг места“, истакна градоначалникот Папазов.
Во првите 100 дена по преземањето на градоначалничката функција, Папазов го нагласи решавањето на проблемот со хигиената на јавните површини и расчистувањето на дивите депонии. За оваа година локалната самоуправа планира реализација на неколку покрупни инфраструктурни и комунални проекти, меѓу кои е изградбата на нов дом за стари лица.
„Има две постојни потенцијални локации за оваа намена, за кои бараме решние и правиме интензивни активности за започнување на работите. Почнуваме и со проектот нов јужен влез во градот, изградба на две препумпни станици за вода на локации во градот, заради стабилно и континуирано снабдување на граѓаните кога има интензивна потрошувачка. Се започнува со реконструкција и обнова на Споменикот на слободата и за парковска површина на локалитетот Лукубија. Ќе го уредиме просторото на покриениот градски пазар и ќе реазлизираме многу други проекти што се дел од предизборната програма“, нагласи Папазов.
Градоначалникот на Кочани најави дека грижата на локалната самоуправа за животната средина се манифестира преку учество во проектот за изработка на катастар на загадувачи на почвата, водата и воздухот, со што ќе се одредат превентивните и репресивните мерки за решавање на неповолните состојби.
ИВОР: ТВ Канал 8