Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, заедно со заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова и директорката на Агенцијата за иновации „Инова“ Даниела Димовска, го посетија Центарот за вработување – Кочани, каде ги промовираа активните мерки за вработување и самовработување за 2026 година.

Во фокусот беше мерката за самовработување, со која младите до 29 години можат да добијат неповратен грант од 10.000 евра, лицата над 29 години 7.000 евра, а за здружување на двајца партнери се обезбедува поддршка до 20.000 евра. Целта е да се поттикне претприемништвото, да се развива локалната економија и да се задржат младите во своите средини.

Од Министерството и Агенцијата за вработување информираа дека интересот е голем – во Кочани досега се поднесени околу 100 апликации, а на национално ниво повеќе од 4.300. Воедно, ги повикаа сите заинтересирани навреме да аплицираат, бидејќи повикот е во завршна фаза.

На идните претприемачи им е обезбедена целосна поддршка – четиридневна обука, помош при изработка на бизнис-план со сертифицирани советници и шестмесечно менторство по јапонски стандарди, во соработка со агенцијата JICA.
За реализација на Оперативниот план за вработување за 2026 година се обезбедени 39,3 милиони евра, од кои повеќе од 22 милиони евра се наменети за мерката за самовработување.

Општина Кочани
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ А НИВНИТЕ АВТОРИ БЛОКИРАНИ
