ИНСПЕКЦИСКИ СЛУЖБИ ОД ОПШТИНА КОЧАНИ НА ТЕРЕН ВО ТРАЈАНОВО ТРЛО ПО ПРИЈАВИ ЗА ЗАГАДУВАЊЕ НА ОКОЛИНАТА

декември 27, 2021
0 минути

Поради енормното загадување за време на викендот, по констатираните состојби од надлежните служби и по пријавите на граѓаните, денеска инспекциските служби, претставници од МВР, претставници од невладините организации и локалните медиуми, излегоа на терен со увид и опомени кон населението на локацијата „Кај антената“, во наслебата Трајаново Трло, кои интензивно палат кабли, гуми, воедно сочинувајќи дива депонија.

„Ја поздравуваме оваа акција да се решат дивите депонии и да се прекине со палење на гуми, кои многу го загрозува здравјето на луѓето, не само во овој крај, туку во цело Кочани. Вчера бевме втори по загаденост и националните медиуми се заинтересирани зошто е тоа така. И затоа мора да ги лоцираме сите кои го загадуваат воздухот“ истакна Зоран Тодоров, претседател на ЗГ „Одбор за здрав живот во Кочани“.

Сторителите се фатени на лице место од страна на иснспекциските служби и од страна на инспекторот за животна средина од Општина Кочани е издаден прекршочен платен налог. Ваквите прекршочни ситуации најмногу се застапени за време на викендите или во доцните вечерни часови.

„Излезени сме на терен поради неколку пријави за време на викендот дека овде се палат кабли и дека има формирана нова дива депонија, се со цел да ја спречиме и со нашето присуство овде на терен, да ја подобриме комуниакцијата со овдешното население. Благодарност и до МВР што секогаш ја даваат нивната поддршка за постојано дејствување на терен“ истакна Александар Петров, лице за поддршка во спроведување на комунални дејности во Општина Кочани.

Екипите на КЈП „Водовод“ – Кочани ќе пристапат кон расчистување на дивата депонија и поставување контејнери и ознаки за забрането фрлање смет. Воспоставена е и дежурна екипа со инспекциски служби коишто ќе бидат на терен и после работното време, се со цел да се спречат ваквите причинители кои енормно го загадуваат воздухот.

Од Општина Кочани апелираат да се пријавуваат сите прекршители на Законот за животна средина, и се разбира, свесно и одговорно однесување кон околината од страна на сите жители

Општина  Кочани