КОЧАНЧАНИ МУ СЕ ВРАЌААТ НА БОРЕЊЕТО

март 20, 2023
1 min read

Ако некој пред повеќе од година и половина речеше дека борењето ќе се врати во Кочани, или ќе го сметаа за антиспортист или за некој кој за инает дава такви изјави.

Но тогаш новоизбраниот претседател Зоран Сребренов кој заедно со Влатко Соколов, Александар Павлев, Гоце Ангелов и Благој Алексов ги подвиткаа ракавите, се зафатија за работа и еве денес после шеснаесет месеци почнаа да се појавуваат и првите резултати.

Во саботата Кочани и БК „Спартак“ беа домаќини на Државното првенство слободен стил за пионери и пионерки У-15 а добро исполнетата сала беше додатен мотив за младите борачи да покажат што за овие месеци научиле.

Глетката навистина беше прекрасна кога во салата забележавме некогашни борачи, боречки судии, спортски работници кои со внимание го следеа настапот на младите борачи и кои низ коментар зборуваа дека има талентирани дечиња кои со редовни тренинзи можат многу да постигнат.

Знаејќи ги колку го познаваат борењето им веруваме на сето она што го кажаа за младите борачи и искрено се надеваме дека од овие млади дечиња за некоја година ќе пишуваме како големи шампиони кои на „градот на оризот“ ќе му носат медали не само од Државни првенства, туку и од некои меѓународни натпреварувања.

А дотогаш, трпение.

 

С.  Ивановски

КОМЕНТАРИТЕ  СО  НАВРЕДЛИВА  СОДРЖИНА  И  ВУЛГАРНОСТИ  ЌЕ  БИДАТ  ИЗБРИШАНИ