КОЈ ЌЕ БИДЕ ИДНИОТ ПРЕТСЕДАВАЧ НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА КОЧАНИ?

ноември 9, 2021
1 min read

Уште по завршувањето на првиот изборен круг на Локалните избори 2021“ беше познато која партија со колку советници ќе учествува во новиот состав на Советот на Општина Кочани.

Двете најголеми партии со своите коалициски партнери одиграа пата-пата, односно добија по 8 советници додека другите тројца се еден од „Левица“, еден од „ЛДП и ДОМ’ и еден советник од Независна листа носител Венко Крстевски.

Токму овој распоред на советници го отвори прашањето „Кој ќе биде Претседавач на Советот на Општина Кочани за период 2021-2025“. Шпекулации и нагаѓања колку сакаш но и една голема вистина дека голем број сакаат да седнат на тоа место, не што носи поголем паушал, туку самото име нешто значи.

Од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата отворено најавуваат дека тоа место треба да му се даде на д-р Лазо Митев, од една страна партијата да му се оддолжи што речиси само половина мандат беше Претседател на ОК на ВМРО ДПМНЕ – Кочани и од друга страна што добро одигра во вториот круг при изборот на градоначалник на Општина Кочани.

За СДСМ и Коалицијата најдобро решение е стариот претседавач да биде повторно избран, д-р Томе Солевски е нивниот главен играч.

Но овие две партии како да прават „есап без крчмар“, тие како повторно да ги занемаруваат останатите советници.

Според мислењето на младите во Кочани на тоа столче треба да седне Венко Крстевски кој во последните два изборни циклуса на Локалните избори освои повеќе од 1.300 гласови (1.314 пред четири години, односно 1.382 на последните) и во изминатиот период се покажа како еден од подобрите советници.

И советникот од ЛДП и ДОМ Тоше Михајлов има желба да стане прв човек на Советот. На овие избори освоија 756 гласа што беше доволно да имаат барем еден советник.

Ако се гледа дека понежниот пол се повеќе почна да влегува на полатичката сцена се поставува и прашањето дали Жаклина Филипова – Свеќароска како советник од „Левица“ е претседавачот на новиот Совет.

Прашања многу но ќе има само еден одговор доколку некој од советниците во меѓувреме не направи некој трансфер за што веќе има шпекулации во јавноста.

С. Ивановски