КОЛО ВО КОЕ НАСТРАДАА ВОДЕЧКИТЕ ЕКИПИ НА ТАБЕЛАТА

март 2, 2022
1 минути

Се одиграа натпреварите од 17-тото коло во Втора Фудбалска Лига – Исток, коло кое не беше баш пријатно за трите водечки клубови, но и коло во кое „Осогово“ со сигурна игра си го врати загубеното од претходното коло.

„Осогово“ по поразот од „Беласица“ на домашен терен сепак без бело знаме отпатува во Штип на мегдан на традиционално незгодната екипа на „Пехчево“ (Кит Го). Кочанчани одиграа добар натпревар. Одбраната беше сигурно со исклучок на два-три моменти, средината на теренот добро функционираше но напаѓачите некако пак немаа концентрација во завршницата на акциите. Создадоа повеќе шанси за гол но сепак единствениот погодок го постигнаа со удар од белата точка кој за волја на вистината и постоеше по играњето со рака на Бошевски во својот казнен простор.

Водечките екипи „Победа“ и „Слога 1934“ освоија само по бод на теренот во Радовиш, односно во Гевгелија.  Повеќе за  преостанатите два бода жалат виничани кои имаат замерка и на судењето со образложение дека по нивното водство судиите биле тие кои му помагале на домаќинот „Кожуф“.

Детонацијата во ова коло се случи во Македонска Каменица каде домашната екипа која беше голем фаворит загуби од веќе отпишаното „Братство“. Токму поразот на „Каменица Саса“ допринесе за тектонски промени во стручниот штаб на екипата. Тренерот Горан си поднесе неотповиклива оставка што беше знак управата довербата да му ја даде на Крсте Крстев.

Најуверлива победа извојува „Беласица“ кога со 6:0 ја демолираше последнопласираната „Локомотива“.  Струмичани имаат одличен пролетен старт и со освоените максимален број на бодови (шест0 и импозантната гол-разлика 9:0 се вмешаа во освојувањето на првото место и директен пласман во Прва Фудбалска Лига.

До крајот на првенството остануваат уште десет кола во кои се може да се случи, но нели победите и поразите се сотавен дел на спортот.

С. Ивановски