Промени се случија во „Каменица Саса“ уште на стартот на вториот круг од првенството во Втора Фудбалска Лига – Исток.
По саботниот пораз на домашен терен од „Братство“ шефот на Стручниот штаб на „рударите“ Горан Гоцевски си поднесе неотповиклива оставка.
Користејќи ја нашата долгогодишна соработка стапивме во контакт со Гоцевски за да ги дознаеме причините за ваквиот потег кој никој не го очекуваше по добро спроведените подготовки.
„Амбициите на Фудбалскиот клуб Каменица Саса се влез во Првата Македонска Фудбалска Лига а ние не можеме да ја победиме екипата на Братство на домашен терен. Вината за поразот ја преземам лично јас како шеф на стручниот штаб и фудбалски е да си дадам оставка без разлика што е ова второ коло од пролетниот дел на првенството. На играчите и на управата на клубот им посакувам да успеат да ја постигнат зацртаната цел“.
Дознаваме дека управата веднаш стапила во контакт со Крсте Крстев со кого е постигнат договор и тој веќе утре (Вторник) ќе започне со тренинзите. Во телефонскиот разговор веста ни ја потврди и спортскиот директор на „Каменица Саса“ Кире Темчев.
„Вие веќе знаете што се случува. Точно е дека се договорив со челните луѓе на Каменица Саса за соработка и еве веќе од утре започнувам со тренинзите. Добро е што прво сте разговарале со челните луѓе од клубот бидејќи по вчерашниот разговор се договоривме тие да ја споделат веста“ беше краток Крстев.
Инаку со назначувањето на нови луѓе во клубот ова е веќе трет шеф на стручниот штаб на „Каменица Саса“ во изминатите четири месеци. Прво од клубот си замина Горан Здравков кој клубот и играта ги постави на здрави нозе, сега си замина Горан Гоцевски еден млад мошне амбициозен стручњак кој спроведе одлични подготовки, на ред дојде Крсте Крстев од кого се очекуваат подобри резултати и остварување на зацртаната цел.
Но што би се случило доколку колата појде на удолница можеме само да претпоставиме.
С. Ивановски