По празничната вечерна богослужба во црквата „Св. великомаченик Георгиј“ на која чиноначалствуваше митрополитот Брегалнички г. Иларион, во Градскиот парк, по повод Петровден беше организирана литија и осветување на славскиот колач.
Празникот Петровден на присутните им го честита митрополитот Брегалнички г. Иларион.
„Денеска е пасха и радост за секоја човекољубива и христољубива душа, овој ден Господ го создаде да се радуваме и веселиме во него. Благословен е оној народ којшто има светители, којшто има молитвени застапници и преку нив е близок со Господа, чекори по Господа и го освојува царството небесно и вечноста. Ги славиме вековните закрилници и заштитници на градот Кочани, на сите луѓе овде, коишто живееле пред нас, кои живеат и ќе живеат по нас. Ви го честитам овој празник, ви посакувам многу здравје, благослов и успех во животот, Господ Бог секојпат да ве чува, а апостолите, како и секојпат досега, и отсега да го чуваат овој град и сите вас коишто живеете во него“ истакна митрополитот Иларион.
По повод празникот Петровден, утре, во 8 ч., во црквата „Св. вмч. Георгиј“ ќе се одржи света божествена литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот Брегалнички г. Иларион.
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ