Традицијата продолжува. Денес лозарите го одбележаа својот голем празник „Свети Трифун“ заштитникот на лозјата.
Уште во претпладневните часови семејствата што имаат лозја во придружба на најблиски како и на голем број пријатели се упатија кон своите лозови насади за да уште еднаш со закројување на лозите си посакаат богат род.
Додека домаќините кои традицијата ја наследиле од своите предци и со голем мерак и задоволство ја пренесуваат од колено на колено ги кроеја лозовите насади, останатите членови од семејството, истураа врз стеблото и коренот вино и ракија, она вино и ракија што можеби токму оваа лоза го дала, но се разбира, претходната година.
По закројувањето следуваше дружбата со убава ракија и вино, испробана туршија и разгорена скара и по некоја песна.
Знаат лозарите да си го пречекаат и да си го прослават „Свети Трифун“.
Нека е за многу години
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ