Маја Манолева, заменик министерка за здравство во Владата на Република Северна Македонија денес престојуваше во работна посета на Општа болница со проширена дејност – Кочани.
Во друштво со својата домаќинка Душанка Горгиева – Трпевски, в.д. директор на Општа болница со проширена дејност – Кочани изврши посета на неколкуте одделенија при што констатира низа подобрувања како во инфраструктурата, така и во техничките и кадровските капацитети во болницата.
„Во изминатите шест години во оваа болница се вработени над 70 лица со решенија за неопределено работно време, најголем дел од нив се медицински персонал и здравствени работници, а останатите се помошен персонал и административни службеници. На специјализација се упатени и 15 лекари, од кои наскоро неколкумина ќе завршат и ќе можат да им ги пружаат медицинските услуги на пациентите“, истакна заменик министерката Манолева.
Министерката направи увид во завршената реконструкција на радиолошкото одделение во кое е инсталиран мамограф а адаптирана е и просторија за уред за компјутерска томографија, што како донација ја обезбедува Клиниката за неврологија од Скопје.
В.Д. Директорката на Општа болница со проширена дејност – Кочани заблагодарувајќи се за посетата истакна „Очекуваме опремата за компјутерска томографија да пристигне наредните денови, а за кратко време по нејзиното инсталирање и соодветната процедура за испитување ќе ја ставиме во употреба. Со тоа, за првпат во нашата институција ќе можат да се прават вакви прегледи за пациентите, кои не се само од Кочани, туку и од соседните општини Виница, Делчево, Берово, Македонска Каменица, Пехчево и останатите“.
На средбата беше истакнато дека набавени се уреди и опрема за потребите на одделенијата како што се мобилен рендген апарат кој од 01. Јануари ќе започне да се користи на Одделението за хирургија и ортопедија, како и 12-канален ЕКГ апарат за потребите на Итна медицинска помош.
С. Ивановски
КОМЕНТАРИТЕ СО НАВРЕДЛИВА СОДРЖИНА И ВУЛГАРНОСТИ ЌЕ БИДАТ ИЗБРИШАНИ